Охридскиот регион, сепак, добива уште една шанса од УНЕСКО

Охридскиот регион, сепак, ќе добие уште една шанса пред евентуално да биде ставен на Листата на светски културни и природни наследства на УНЕСКО во опасност, јавува „360 степени.мк“.

Преговорите меѓу државите со спротивставени ставови во кинескиот град Фуџоу во Кина, каде се одржува 44. сесија на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО) завршиле, а според информациите на „360 степени“, договорено е земјава да добие уште две години рок за да ги имплементира препораките за задржување на статусот на Охридскиот регион. Одлуката треба официјално да биде донесена утре.

Според извор вклучен во преговорите, компромисот предвидува прецизна листа на обврски и рокови за нивно извршување, како и строг надзор од УНЕСКО.

Ова следува откако вчера немаше консензус за да се изгласа предлог-одлуката Охрид да биде ставен на Листата на светски културни и природни богатства во опасност.

Како што вчера објави МИА, на таквиот предлог реагирала Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина. Нивната делегација поднела амандман со кој се брише реченицата со која Охрид би станал културно наследство во опаност и предложи Северна Македонија и Албанија да продолжат да постапуваат по препораките на УНЕСКО и да поднесат конечен извештај за сработеното до 1 феврурари 2023 година.

Предлогот на БиХ бил поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Шпанија. Против се изјасниле Норвешка, Бахреин и Гватемала, кои сметале дека токму ставањето на Охрид на листата на наследство во опасност, а не обратно, ќе ги мотивира засегнатите држави во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, вчера во своето обраќање пред учесниците на состанокот, побара продолжување на роковите за да се овозможи натамошно дејствување во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство. Таа посочи дека земјава изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО.

Продолжување на рокот за имплементација на препораките од УНЕСКО, очекува и премиерот Зоран Заев, кој денеска рече дека секоја одлука државата ќе ја почитува и ќе се стреми за имплементација на препораките за задржување на статусот на Охридскиот регион.