ОЈО ги расветлува нередите во Собранието, сослушани повеќе лица по пријавата од МВР

Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека до овој момент се идентификувани петнаесет лица инволвирани во нередите кои се случија во Собранието, откако во четвртокот попладнето СДСМ и колициските албански партии ја продолжија седницата без учеството на најголемата пратничка група и атуелниот претседава, избраа претседавач и го наначија Талат Џафери за нов собраниси спикер, а Министерството за внатршни работи соопшти дека поднело кривични пријави против 15 лица што се осомничени дека учествувале во инцидентите во Собранието, а петмина од нив веќе се идентификувани и приведени.

 

До Обвинителството во врска со овој настан е поднесена кривична пријава од страна на МВР и по неа интензивно се постапува.

Во Основното јавно обвинителство Скопје досега се сослушани поголем број лица, припадници на полицијата. Сослушувањата кои се во тек ќе продолжат во функција на целосно документирање на кривично-правните настани во Собранието на РМ.

За натамошните постапувања на надлежен јавен обвинител по пријавата и донесените јавнообвинителски одлуки, дополнително во текот на денешниот ден јавноста ќе биде информирана.

Кривичните пријави се за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство и учество во толпа што ќе стори кривично дело. Кривични пријави за Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство добија Б.М. (38), Н.М. (34), К.Џ. (54), Ѓ.Б. (44), Д.Д. (45), В.Н. (45), С.П. (57) и А.З. (63), сите од Скопје, и Д.Х. (43) од Прилеп.

За кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело осомничени се скопјаните Д.В. (36), триесет и деветгодишните А.С. и М.Ц. и М.С. на возраст од 47 години.

Против Д.А. (62) од Скопје и кумановецот И.Ј. (46) поднесени се пријави за двете кривични дела.

Според соопштението на МВР, петтемина од групата на петнаесет осомничени против кои се поднесени кривичните пријави биле идентификувани по прегледаниот видеоматеријал.

За организаторите на протестите од полицијата соопштуваат дека до Основното јавно обвинителство е доставено посебно известување за натамошно постапување на обвинителството.

Според она што досега е документирано од МВР, на 27 април околу 19 часот пред и во Собранието на Република Македонија групата осомничени откако го пробиле кордонот полицајци влегле во просториите на Собранието и го оштетиле ходникот, а потоа физички ги нападнале пратениците З.З. (42) од Струмица, З.С. (44) од Струга, Р.Ш.Ј. (44) од Скопје, О.С. (40) од Куманово, С.М. (53) од Скопје и други пратеници од политичките партии СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Пријавените лица со наведените заеднички дејства, велат од МВР, со употреба на физичка сила и закани сториле насилство спрема луѓе и оштетиле имот, со што ги извршиле и кривичните дела.

Службен разговор бил извршен со вработените во обезбедувањето на Собранието Б.Ѓ. и В.К., а во врска со повредениот пратеник З.С. биле извршени проверки во Клиничкиот центар Мајка Тереза.

На местото каде што се случи инцидентот бил извршен увид и за тоа се подготвени записници, велат од МВР. Основното јавно обвинителство Скопје издало наредби за доставување на снимките и издадени се наредби за вештачење.

Од МВР информираат дека во соработка со Обвинителството и понатаму преземаат мерки и активности за идентификување и на други лица учесници во настаните во Собранието.