ОЈО и СДСМ молчат за „кокаинот“ на Богоевски?

Половина час по полноќ независниот пратеник Павле Богоевски ја напуштил полициската станица Беко, откако сам се пријави дека по телефон нарачувал масло од канабис за болната сестра. Иако според неофицијалните информации случајот од денеска го презема Јавното обвинителство на Скопје, до објавувањето на текстот не успеавме да добиеме никаков одговор од нив.

Недостапни за коментар беа и од седиштето на СДСМ кои не одговорија на прашањата на НетПрес дали планираат да превземат некакви мерки против пратеникот што беше на нивната листа за време на парламентарните избори, а се најде сред голем скандал.

Засега неофицијално се знае дека предмет на истрага ќе биде таксистот кој возејќи го Богоевски, неовластено го снимал што зборува на телефон, лицето што неовластено го снимало требало МВР веднаш да го најде и обвинител, т.е. судија на предходна постапка да го лиши од слобода. За неовластено снимање на граѓани пропишана е затворска казна од 5 години.

Сепак останува прашањето, дали ОЈО ќе бара одговорност од Богоевски, но и неговиот дилер и дали во оваа ситуација најголемиот криминал го направил токму таксистот.

Богоевски вчера попладне отиде во полициска станица откако на сајт регистриран во Русија беше пуштена аудио снимка од Богоевски како разговара на телефон и како нарачува, како што вели тој, масло од канабис за близок болен член од семејството, а не кокаин како што тврди на сајтот. Јавно побара да му биде направен тест за наркотички дроги како доказ дека ја зборува вистината. Не е познато дали во полициската станица било исполнето неговото барање, со оглед на тоа дека не е фатен со дрога, па да го тестираат, туку се пријавил дека место од аптека, нарачувал како што вели канабис од друго место.