ОЈО отвори истрага против Секулувски за убиството на Јанушев

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против Филип Секуловски за убисто на Мартин Јанушев во ноември лани во скопската населба Аеродром, информираше МВР. Иако полицијата две недели по убиството го посочи Секуловски како осомничен, ОЈО дури сега отвори истрага против него.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело Убиство од чл.123 ст.1 од Кривичниот законик. Лицето е осомничено дека на 03. 11. 2017 година со умисла го лишил од живот сега починатиот  Мартин Јанушев. Имено, осомничениот, користејќи дозволено викенд отсуство, ја напуштил КПУ „Затвор Скопје“, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци, дошол пред зградата во која живеел Јанушев, се сретнал со него и испукал повеќе проектили од огнено оружје кон жртвата, нанесувајќи му пет огнострелни повреди- прострелни рани. Од здобиените повреди, Јанушев починал, велат од ОЈО.

По предлог на обвинителството, судија на претходна постапка на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на негово пронаоѓање и лишување од слобода.

Кривичната пријава од страна на МВР за ова лице е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје на 17.11.2017 година. По поднесената пријава, во текот на предистражната постапка, обвинителството интезивно работеше на обезбедување материјални и вербални докази. Притоа, испитани се над 40 сведоци и обезбедени се голем број релевантни вештачења и анализи. Со оглед на тоа што осомничениот се уште е недостапен на органите на прогонот, согласно Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител до МВР издаде наредба за распишување домашна и меѓународна потерница.