Јокиќ самокритичен по новиот пораз на Денвер: Мора да бидеме загрижени

Тимот на Денвер Нагетс е еден од најголемите фаворити за освојување на шампионскиот прстен во НБА Лигата оваа сезона, но последните резултати може да донесат мала дестабилизација.

Денвер има пет порази на последните шест средби, и иако тоа не им промени многу кога станува збор за табелата на Западот каде се уште го држат првото месото, јасно е дека треба да постои мала загриженост за во иднина.

Никола Јокиќ, најдобриот кошаркар на клубот кој по поразот од Њујорк Никс (116:110) истакна дека целиот тим, почнувајќи од него мора да биде подобар.

– Така е како што е, мора да бидеме загрижени. Мора да се обидеме да го добиеме следниот натпревар. Јас прв треба да се подобрам во скокот, а потоа и сите останати. Дури и да ги натеравме да промашуваат, не скокавме воопшто и тие имаа многу лесни поени. Имаа 15 скокови во напад, а тоа е многу, тоа се 15 шанси повторно да дадат кош, -изјави Јокиќ по поразот во Њујорк.