Околу 100 Македонци во Кина се надвор од зоната на корона вирусот

Стотина Македонци моментално престојуваат во Кина, но сите се надвор од рестриктивните зони и никој од нив не е заразен со корона вирусот, велат од Министерството за надворени работи. -Согласно информациите добиени од нашето ДКП во НР Кина, Министерството за надворешни работи информира дека до овој момент во нашето ДКП не е пријавен ниту еден случај на наш државјанин заболен со корона вирусот. Исто така нема пријавени наши државјани кои се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење накои им е потребна помош, велат од МНР.

Министерството за надворешни работи исто така информира дека во НР Кина легално престојуваат околу 100 македонски државјани. Македонското дипломатско-конзуларно претставништво е во постојан контакт со нив.

Граѓаните на Република Северна Македонија за подетални информации околу развојот на состојбите можат да се обратат во Амбасадата на Република Северна Македонија во Пекинг на дежурниот телефонски број +86 185 1351 2812 или е-маил, beijing@mfa.gov.mk.