Околу 140.000 евра месечно заштедува Клинички благодарение на гасификацијата

Исклучително добри резултати дава гасификацијата на Клиничкиот центар во Скопје, а тоа го потврдуваат и бројките кои што укажуваат дека месечно се заштедуваат околу 140 илјади евра или осум милиони и 660 илјади денари, истакна денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

„Овој капитален проект досега овозможи големи придобивки за здравствените установи бидејќи со овој начин на затоплување на објектите се заштедуваат значајни износи на финаниски средства“, рече Тодоров.

„Во февруари 2013 година, кога Клиничкиот центар се грееше на мазут, за затоплување се потрошени 20 цистерни мазут, односно приближно се трошело една цистерна мазут за еден работен ден, кој чинел нешто над 20 милиони денари… По спроведената гасификација до февруари 2014-та година за затоплување се потрошени нешто над 11 милиони денари“, рече Тодоров.

Јасна е и евидентна разлика, рече министерот, од вкупно осум милиони и 660 илјади денари или приближно 140 илјади и 800 евра изнесува финансиската добивка од имплементирањето на овој проект.

„Месечната заштеда на средства која е добиена како резултат на затоплување на Клиниките на гас наместо на мазут, изнесува осум милиони и 660 илјади денари“, потенцираше уште еднаш Тодоров.

Со имплементација на овој проект, како што нагласи тој, се овозможи оптимално користење на ресурсите на здравствените установи, односно нивно поефикасно функционирање преку поголема заштеда на финансиски средства, кои понатаму се пренаменуваат за поквалитетна здравствена заштита.

Тодоров очекува во јуни оваа година да биде гасифицирана болницата „8-ми септември“, во рамки на проектот чија вредност е девет милиони денари.