Околу 800 загинати од почетокот на офанзивата на ИД во Кобане

Од почетокот на офанзивата на борците од ИД врз Кобане, на 16 септември, досега на двете страни загинале повеќе од 800 лица.

Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права денеска излезе со податоци дека во оваа офанзива џихадистите загубиле 481 борец, а Курдите 313 и дека бројките не ги вклучуваат загубите од воздушните напади на американските авиони, што се мерат со стотици, пренесоа француските медиуми.

Мониторинг групата, со мрежа активисти ширум Сирија, наведува дека се убиени и 21 цивил и дека во офанзивата на џихадистите од нивните домови се протерани околу 200.000 лица од Кобане и околината, кои привремено засолниште нашле преку границата, во соседна Турција.

Курдските борци и натаму даваат жесток отпор во самиот град, во што добиваат поддршка од американските авиони и со давање оружје од воздух, наведуваат француските медиуми.

Истовремено, курдската регионална Влада во северен Ирак во петокот информира дека ќе упати 200 добро обучени борци – пешмерга да им се приклучат на Курдите во одбраната на Кобане, а Турција го одобри преминувањето преку својата граница во Сирија.