Ѓоковиќ: Алкараз има уште многу да весла за да ме стигне!

Новак Ѓоковиќ со вчерашниот триумф над Карен Хачанов (3-1) избори пласман во полуфиналето на „Ролан Гарос“, каде што го чека пресметката против најдобриот во моментов на АТП-листата, Карлос Алкараз, дуел кој со нетрпение се очекува во тенискиот свет.

Ова ќе биде најголемиот предизвик за Србинот на патот кон историската гренслем титула број 23, со која би се етаблирал како најдобар на сите времиња. Во пресрет на пресметката со талентираниот Шпанец, популарниот Ноле даде мислење каде тој во моментов се рангира во споредба со него, но и со Рафаел Надал и Роже Федерер.

„Алкараз е број еден во светот, игра врвен тенис и се однесува многу зрело на теренот. Секогаш е позитивен и се бодри сам себе. За мене, тој е најголем фаворит на турнирот, тоа го кажав уште пред да дојдеме тука. Не знам колку ќе може да ми помогне искуството, но ќе бидам подготвен и за најдолг меч на турнирот. Алкараз е играч кој привлекува се повеќе внимание, но се уште не може да го споредиме со Надал, Федерер или со мене. Тој мора уште многу да весла за да дојде до таа тениска височина, но мора да се каже дека е на вистинскиот пат“, изјави Србинот.

Дуелот на Ѓоковиќ против Алкараз е закажан за в петок на централниот терен во Париз.