Ѓоковиќ е оптимист дека ќе настапи на Австралија опен

Новак Ѓоковиќ е оптимист дека во јануари ќе може да настапи на Австралија опен и покрај тоа што не е вакциниран против Ковид-19.

Србинот оваа година беше инволвиран во еден од најголемите скандали во последните години, откако беше депортиран од Австралија. Според имиграционите закони на земјата можно е тој да нема право да аплицира за виза во следните три години.

Сепак од Австралија има позитивни сигнали дека еден од најдобрите тенисери на сите времиња би можел да се врати на грен слемот во Мелбург веќе следната година.

„Што се однесува до Австралија, има позитивни сигнали, но неофицијално“, изјави Ѓоковиќ за „Спортал“. „Комуницираме преку моите адвокати во Австралија, тие комуницираат со властите кои се одговорни за мојот случај. Се надевам дека ќе добијам одговор во следните неколку недели, каков и да биде тој одговор, но се надевам на позитивен, да имам доволно време да се подготвам за стартот на сезоната, ако тој старт е во Австралија. Навистина сакам да бидам таму, го заборавив она што се случи оваа година и само сакам да играм тенис, тоа е она што го правам најдобро. Австралија секогаш било местото каде сум го играл најдобриот тенис, резултатите зборуваат сами за себе, па секогаш сум екстра мотивиран таму. Овој пат уште повеќе“, додаде Србинот.