Ѓоковиќ ги повика врвните тенисери финансиски да ги поддржат колегите од од долниот дел на ранглистата

Новак Ѓоковиќ ја повика меѓународната тениска заедница да се вклучи во финансирање на фонд кој им помага на тенисерите од долниот дел на ранглистата.

– За мене е привилегија да го искористам мојот статус како врвен играч и да ги повикам сите водечки тенисери да им помогнат на своите колеги кои се измачувани од пандемијата од коронавирус. Јас лично сум направил доволно пари за да живеам многу години без да играм, вели тој во разговорот на Инстаграм со Фабио Фоњини.

Тој вели дек секој тенисер може да помогне онолку колку што сака.

– Тешко е да се наметне некој да дава од личните ресурси, без разлика каква позиција се наоѓа во рангот. Јас исто така разбирам дека има различни мислења. Но, јас сум должен да поканам секој што сака тенисот да преживее, да донира во фондот, порача Ѓоковиќ, кој има 17 Гренд-слем титули и заработи скоро 144 милиони долари парични награди во текот на неговата кариера.

Други, пак, земаат „трошки“ од турнирите, а самиот Србин призна дека веќе бил свесен за неколку случаи кога тенисерите се откажале поради недостаток на финансии.

– Ова е сериозен проблем. Треба да размислиме како да го прошириме глобалното влијание на тенисот и да покажеме единство. Не треба да ги забораваме оние што се на дното на рангот, додаде тој.