Ѓоковиќ го преслуша Нишикори пред домашната публика и се пласира во полуфиналето на ОИ

Новак Ѓоковиќ му одржа тениска лекција на играчот кој во минатото знаеше да му задава проблеми, но кој со актуелното ниво на игра, не може ниту приближно да се носи со најдобриот светски тенисер.

Иако играше на домашен терен и беше вистински миленик на Олимпијадата во Токио, Кеи Нишикори својот настап го заврши на најлош можен начин, а причина за тоа е светскиот рекет број еден кој имаше неверојатен ден на теренот.

Ѓоковиќ експресно направи брејк и поведе со 3:0, ја одржуваше минималната предност до крајот на првиот сет, а тогаш направи уште еден брејк за конечни 6:2 во овој дел од играта.

Нишикори не искористи една брејк топка на стартот на вториот сет, по што доби вистинска тениска лекција од првиот тенисер на АТП листата и главен фаворит за златниот медал на Олимписките игри.

Србинот заигра на завидно ниво и не му препушти ниту еден гејм на противникот, па со популарен „компир“ во вториот сет и со конечни 6:2 и 6:0 се пласираше во полуфиналето на Олимпијадата. Во оваа рудна, негов противник ќе биде подобриот од последниот четвртфинален дуел, пресметката меѓу Александер Зверев и Жереми Шарди.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.