Ѓоковиќ и Иванишевиќ ќе организираат турнири во екс – Ју републиките

Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ и неговиот тренер Хрватот Горан Иванишевиќ, работат на интересен проект кој треба да го реализираат ова лето.

Со оглед на тоа што тениската сезона е прекината во изминативе два месеции со сигурност нема да продолжи во блиска иднина, Ноле и Горан дошле до интересна идеја со цел тенисерите од Екс – Ју просторите да останат во форма.

Тие сакаат да организираат неколку турнири во  Екс – Ју земјите, но за жал не и во Македонија.

  • Размислуваме да организираме серија мини турнири кои би се одржале во Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. На турнирите би имале сериозен тим на играчи. Се работи на тоа. Можеби ќе биде нешто во Хрватска, а во Србија ќе биде сигурно. Ќе видиме како ќе биде со патувањата, отворањето на границите, изолацијата. Се надевам дека такво нешто ќе функционира во јуни или јули, изјави Иванишевиќ за ХРТ.

Што се однесува до тениската сезона, смета дека 2020 година е загубена и дека тенисерите ќе се вратат дури наредната година.

  • Ова е ситуација за која никој не беше подготвен. Се надевам дека сите од ова ќе излеземе како подобри луѓе и попаметни, само прашање е кога. Мојата најоптимистичка прогноза е дека тенисот ќе продолжи наредната година. Слушнав дури дека се размислува и за поместување на Австралија опен за март, и тоа е опција, заврши хрватскиот стручњак.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.