Ѓоковиќ и Надал по третпат ќе се соочат во финалето на Ролан Гарос

Roland Garros in Paris, France, 09 October 2020. EPA-EFE/JULIEN DE ROSA

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ во недела по трет пат ќе се сретне во финалето на Отвореното првенство на Франција со Шпанецот Рафаел Надал, откако во полуфиналето го совлада Гркот Стефанос Циципас.

Надал во полуфиналето за малку повеќе од три часа игра го совлада Аргентинецот Диего Шварцман со 6:3, 6:3 и 7:7 (7:0), додека Ѓоковиќ имаше многу потешка задача со Циципас кого го победи по четири часа игра со 6:3, 6:2, 5:7, 4:6 и 6:1.

Откако моментално најдобриот тенисер на светот без поголеми проблеми ги доби првите два сета, во третиот направи „брејк“ и при 5:4 сервираше за победа, се чинеше дека лесно ќе влезе во финалето. Ѓоковиќ имаше меч топка на свој сервис, но Циципас најде сили, израмни на 5:5 а потоа со својата добра игра и грешките на Ѓоковиќ и зема двата следни гема и сетот.

Четвртиот сет започна подобро за Циципас кој поведе со 2:0, но Ѓоковиќ веднаш го врати загубениот сервис. Сепак, како што одминуваше мечот Гркот играше подобро и во 10-от гем го дочека послабиот сервис-гем на Ѓоковиќ за израмнување во сетовите,

Во петиот сет сепак 22-годишниот Циципас по водството од 1:0 остана без сили, па Ѓоковиќ брзо направи „брејк“ а докрајот не му дозволи на противникот ниту гем, па во недела светот ќе може да го следи „тениското класико“ меѓу Ѓокович и Надал.

Ова беше седмиот дуел меѓу Србинот и Гркот и четврта победа на Ѓоковиќ кој по петти пат се пласираше во финалето на Ролан Гарос.

Ѓоковиќ и Надал по деветти пат ќе играат во финале на серијата од „грем слем“ турнирите, што е начестата пресметка во финалињата заедно со дуелите меѓу Надал и Роџер Федерер. Србинот е последниот тенисер кој го освоил Ролан Гарос пред Надал во 2016 година. Ова ќе биде нивниот трет финален дуел по претходните во 2012 и 2014 година, во кои славеше Надал. Во 2015 година Ѓоковиќ му се одмазди на Надал но во четвртфиналето на турнирот. Шпанецот ниеднаш не загубил во финалниот меч на Ролан Гарос и и со 12 титули е рекорден на париската црвеница.

Ѓоковиќ е во моментов прв рекет на свеот, со 17 победи на грем-слем турнирите, што е третиот резултат во историјата кај мажите.