Ѓоковиќ: Ова беше еден од моите најлоши Грен-слем натпревари

Тенисерот број еден во светот, Србинот Новак Ѓоковиќ, кој беше елиминиран од Италијанецот Јаник Синер во полуфиналето на Австралија Опен, каде што не загуби меч цели шест години, изјави дека одиграл „еден од неговите најлоши Грен-слем натпревари“

„Денеска Синер целосно доминираше над мене. На некој начин бев шокиран од своето ниво, на лош начин. Немаше многу што направив добро во првите два сета. Мислам дека тоа е еден од најлошите натпревари што сум ги одиграл на Гранс-слем турнир. Не е многу пријатно да се игра така. Но секоја чест за негом затоа што прави сѐ подобро од мене. Се обидов, се борев, успеав малку да го подигнам нивото во третиот сет, одиграв добар тај-брејк , спасив меч-топка. Но, повторно, во четвртиот сет одиграв многу лош натпревар при 2-1. Генерално, моето ниво на игра навистина не беше одлично“, рече Ѓоковиќ

„Овој град е многу посебен за мене. Само се надевам дека ќе имам можност да се вратам ваму, да играм барем уште еднаш“, додаде 36-годишниот Ѓоковиќ, кој се обиде да стигне до својата 11-та титула во Мелбурн и рекордна 25-та Грен-слем титула.

Со овој пораз се става крај на серијата на Ѓоковиќ од 33 победи на Австралија Опен.

„Серијата беше предодредена да заврши еден ден. Барем дадов сѐ од себе во околности кога не играв добро и загубив од играч кој има многу добри шанси да го освои својот прв Грен-слем“, додаде тој.