Ѓоковиќ со нова порака: Тестирајте се и почитувајте ја социјалната дистанца

Новак Ѓоковиќ се огласи на социјалните мрежи по повод позитивниот тест за коронавирус.

Ѓоковиќ потврди дека тој и неговата сопруга Јелена имаат коронавирус, како и дека тестовите на децата биле негативни, и истакна дека тој ќе остане во самоизолација 14 дена, а пак ќе биде тестиран за пет дена.

Да потсетиме, Ѓоковиќ е еден од тројцата тенисери, заедно со Димитров и Чориќ, кои тестираа позитивно за Ковид-19 во Задар, додека исто така беа заразени и кондициониот тренер на Новак и тренерот на Григор.

„Длабоко им се извинувам на сите на кои турнирот им нанесе штета. Сè што организиравме и јас и организаторите во претходниот месец, го правевме со искрени намери и чисто срце. Верувавме дека турнирот ги исполни сите здравствени протоколи и дека нашиот регион е во доволно добра можност да ги обединиме луѓето од филантропски причини. Направивме грешка, беше рано. Не можам да ви опишам колку ми е жал за апсолутно секој случај на инфекција“, рече Ѓоковиќ, додавајќи:

„Ако сте биле на турнејата Адрија, или сте биле близу некој од учесниците, ве молиме тестирајте се и почитувајте ја социјалната дистанца. За оние во Белград и Задар, ќе споделиме здравствени ресурси со нив во блиска иднина. Остатокот од турнејата е откажан и ние ќе останеме фокусирани на погодените. Ќе се молам за целосно закрепнување на сите “, додаде најдобриот тенисер на планетата.