Оксфам: За последните шест години екстремната глад двојно зголемена во климатските жаришта во светот

Двојно повеќе луѓе се соочуваат со екстремна глад во десет тешко погодени климатски жаришта во споредба со пред шест години, се наведува во истражување на Оксфам објавена денеска, јави ДПА.

Сомалија, Хаити, Џибути, Кенија, Нигер, Авганистан, Гватемала, Мадагаскар, Буркина Фасо, Зимбабве, се земјите со најголем број апели до Обединетите Нации (ОН) предизвикани од екстремни временски случувања.

Во истражувањето се наведува дека 48 милиони луѓе во овие земји моментално страдаат од акутна глад, што е зголемување од 21 милион од 2016 година, а 18 милиони од нив се соочуваат со ризик да починат од глад.

Истовремено, според добротворната организација, профитот од компаниите за фосилни горива за 18 дена ќе ги покрие сите глобални хуманитарни потреби проценети од ОН за 2022 година.

Како што покажуваат податоците на Оксфам, дневните профити изминатите 50 години во просек изнесувале 2,8 милијарди долари. Проценката на ОН е дека потребни се 49 милијарди долари за да се покријат хуманитарните потреби оваа година.

Оксфам повика на посилно оданочување за компаниите што загадуваат.

Како што изјави шефица на Оксфам, Габриела Бучер, „климатските промени веќе не се темпирана бомба, туку таа веќе експлодира пред нашите очи“.

– Тоа ги прави екстремните временски услови, како сушите, циклоните, поплавите, што се зголемија петпати изминатите 50 години, почести и посмртоносни, додаде Бучер.

Десетте жаришта беа најчесто погодени од екстремни временски услови изминатите две децении.

– За милиони луѓе, веќе погодени од конфликтите што траат, дополнително ги истоштува ширењето на нееднаквоста, економските кризи, климатските шокови што се повторуваат. Нападот од климатски катастрофи сега ја надминува способноста на сиромашните луѓе да се справат со нив, туркајќи ги уште подлабоко во акутна глад, подвлече Бучер.