Оксфордската вакцина е безбедна и активира антитела против коронавирусот

Тестовите во кои беа опфатени околу 1.077 луѓе покажаа дека по примањето на инјекцијата се создале антитела и бели крвни клетки што можат да се борат со коронавирусот.

Наодите се многу надежни, но сè уште е премногу рано да се знае дали е тоа доволно за да се обезбеди заштита и во тек се поголеми испитувања, објави Би-би-си.

Велика Британија веќе нарача 100 милиони дози на вакцината.

Вакцината – наречена ChAdOx1 nCoV-19 – се развива со невидена брзина.

Изработена е од вирус создаден со генетски инженеринг што предизвикува обична настинка кај шимпанзата.

Тој беше во голема мера изменет, прво за да не може да предизвика инфекции кај луѓето, а и за да се направи „да изгледа“ повеќе како коронавирусот.

Научниците го сториле тоа со пренесување на генетските упатства за „шилестиот протеин“ на коронавирусот – клучна алатка што тој ја користи за да ги нападне нашите клетки – во вакцината што ја развиле.

Ова значи дека вакцината личи на коронавирусот и имунолошкиот систем може да научи како да го нападне.

Што се антитела и Т-клетки?

Научниците досега беа фокусирани на улогата на антителата во борбата против ковид-19, но тие се само еден дел од нашата имунолошка одбрана.

Антителата се мали протеини што ги создава имунолошкиот систем, кои се лепат на површината на вирусите.

Неутрализирачките антитела може да го победат коронавирусот.

Т-клетките, еден вид бели крвни зрнца, помагаат во координирањето на имунолошкиот систем и можат да забележат кои клетки во телото се заразени и да ги уништат.

Речиси сите успешни вакцини ги активираат и антителата и Т-клетките.

Нивоата на Т-клетките биле највисоки 14 дена по вакцинацијата, а нивото на антителата го достигнало врвот по 28 дена. Студијата не трае доволно долго за да се открие како изгледа долгорочниот имунитет.

Дали е безбедна?

Да, но има несакани ефекти.

Сепак, од вакцината нема опасни несакани ефекти, вели Би-би-си, а 70% од тестираните качиле температура или добиле главоболка.

Истражувачите велат дека ова може да се среди со парацетамол.

Професорката Сара Гилберт од Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија, вели: „Има уште многу работа да се направи пред да можеме да потврдиме дали нашата вакцина ќе помогне во справувањето со пандемијата на ковид-19, но овие први резултати се надежни“.