Оливер Спасовски ќе биде технички премиер

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев неделава пред партискиот врв соопштил дека одлучил министерот за внатрешни работи и партиски потпретседател Оливер Спасовски да биде технички премиер во Пржинската влада, дознава Фокус од високи партиски извори.

Според нив, денеска треба да се оддржи нова координација на партискиот врв на социјалдемократите, на кој оваа одлука би требало да биде потврдена, по што во следниот период се очекува да биде верификувана и на партискиот Централен одбор.

Неофицијално, покрај Спасовски, во разговорите меѓу челните луѓе во Бихаќка се споменувала и министерката за труд и социјала Мила Царовска, од причина што и таа треба да се повлече од министерската позиција, согласно пржинските изборни правила, кои станаа дел од Изборниот законик.

Во таква ситуација, Царовска треба да остане дополнителен заменик-министер за труд и социјала со право на вето на сите одлуки и акти поврзани со изборниот процес, додека најголемата владејачка партија ќе треба да избере дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, кој, според неофицијални информации, ќе биде човек од внатре кој важи за професионалец,

Висок партиски и воедно владин функционер брифира дека и името на екс шефот на тајната полиција Зоран Верушевски, кој ја води партиската комисија за безбедност на СДСМ, бил во одредени комбинации за технички премиер, меѓутоа упатените велат дека оваа опција е тешко изводлива од причина што станува збор за контроверзна личност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.