Оливер Спасовски му забрани на Д-р Златко Николовски да гостува во ТВ Нова

„Аргументи“

Водителот и уредник на „Аргументи“, Љубиша Николовски почувствува потреба да ја сподели со јавноста нетранспарентноста на Министерството за внатрешни работи.

Чувствувам потреба на гледачите да им објаснам дека оваа емисија требаше на некој начин да биде поделена на два дела. Во едниот од тие делови требаше да поразговарам и го поканив господинот Д-р Златко Николовски од Министерството за внатрешни работи кој инаку е експерт за дијаспората, има неколку научни трудови, една книга добра во која ги објаснува односите на македонската дијаспора како да се подобрат со татковината и на економски и на политички план. Мислам дека ќе беше добра прилика да осознаеме малку како нашите надвор од Македонија ја доживуваат татковината и колку оваа земја во изминативе децении направила за нив или пак колку тие направиле за нас, а и беше интересно пред изборите да видиме и политички како се организирани, кажа Николовски.

Николовски ја информираше јавноста дека ги испочитувал сите формални правила и доставил допис до Министерството за внатрешни работи, но од таму не добил одговор:

По сите правила, испратив еден допис до Министерството за внатрешни работи и очекував одговор, меѓутоа денот изминуваше, одговор не добив, што малку ме зачуди заради нетранспарентноста на МВР особено затоа што има неколку портпароли меѓу кои еден поранешен новинар, мој колега, кој не почувствува потреба да ми одговорат, иако со некои од нив, од другата страна на министерството добро соработувам, кажа Николовски.

Откако водителот и уредник на „Аргументи“ не добил одговор од МВР, Д-р Златко Николовски му се јавил и му кажал дека без никакво образложение не му дозволуваат да биде гостин во емисијата на Телевизија Нова:

На крајот на денот, господинот Николовски ми се јави да ми каже дека не го пуштаат, дека не му дозволуваат да учествува во „Аргументи“ без никакво образложение. Јас потоа повторно инсистирав да дознаам кои се причините, има ли некаква заднина неговата забрана да доаѓа во оваа телевизија. Не добив одговор, ми беше ветено од портпаролот Тони дека бргу ќе ми одговорат. До почетокот на оваа емисија никој не ми се јави, туку самиот господин Николовски рече „Љубиша, се извинувам, очигледно министерот Оливер Спасовски не ме пушта да доаѓам на програма“. Зошто е тоа така кога секоја нова власт, па вклучувајќи го и Спасовски се колне во демократија и транспарентност, но тоа изостанува се уште за медиумите за коишто така жестоко се бореа дека не биле отворени за нив.

Еве „Аргументи“ секогаш ќе биде отворена за сите оние што ја сакаат и не ја сакаат оваа телевизија и сме отворени како сакаат да дојдат и поединечно и со било кој друг. Чувствував да го објаснам ова, ме иритира кога има една таква нетранспарентност, мислам дека е ред во секоја куќа да се каже зошто некој не може да дојде, вели Николовски.

Извор: Курир