Оливер Спасовски удри со партизација на МВР и покажа како планира СДСМ да владее

Партискиот реваншизам што СДСМ го демонстрира во МВР е уште еден доказ дека за оваа партија не важат Уставот и законите во земјата. Се наградуваат спротивно на закон оние што се докажале во партискиот кодошлак и во помагателството на незаконските дејствувања во државата, се унапредуваат луѓе што тесно соработуваат со партиските криминални структури, со луѓе од криминалното подземје.

Вака универзитетската професорка д-р Тања Каракамишева-Јовановска, ги коментира кадровски промени во МВР, каде денеска од страна на техничкиот министер Оливер Спасовски, се именувани нови 11 раководители на организациони единици во состав на МВР, 7 во секторите за внатрешни работи и 4 во одредени оддели на Министерството.

Помеѓу сменетите началници, како што информираше дополнителниот заменик министер за внатрешни Оливер Андонов, се и лица кои работеле и обезбедувале докази за предметите „Поткуп“и „Фабрика за афери“, во кои обвинети се лидерот на СДСМ, Зоран Заев и Захир Бекири Чаушот.

Наспроти партиски наградените лица, професионални лица во МВР што стручно и одговорно пристапиле кон пронаоѓање на криминални активности во врска со шпионажи, фалсификувања на лични карти и слично, се дискредитираат, уназадуваат на своите работни места, се шиканираат во секоја смисла. За СДСМ соработката со Верушевски и со сите учесници во „Фабриката за афери“, е нормална партиска работа и партиска гордост. Лидерот на СДСМ е горд што соработува со луѓе како Чауш и Верушевски“, истакнува за Нет Прес, Каракамишева-Јовановска.

Според неа, ваквото незаконското и реваншистичко однесување на СДСМ не треба да изненадува. Таа смета дека СДСМ не ги чувствува добиените позиции за заслужени, ниту пак ги цени од аспект да направи нешто корисно за сите граѓани, да реализира некој свој проект, своја позитивна идеја, да презентира нешто ново, туку како што вели, единствен фокус на опозицијата е поставување на партиски кадри кои ќе ја реализираат нивната партиска агенда.

Единствено на што СДСМ е фокусиран во периодот до изборите, идентично како и од искуствата на првата Влада за спроведување избори, е да позиционира свои партиски кадри на клучни места во системот, со цел реализирање на партиската агенда, да се инсталираат партиски послушници што ќе делуваат по команден систем од партиската централа. Насадувањето на строго партиски послушници на незаконит начин само врз основа на строга дискрециона волја и лична проценка на техничкиот министер во МВР со неколкукратно прескокнување на утврдените скалила за унапредување во кариерата е само мал пример како СДСМ замислува да се однесува кога би дошла на власт, посочува универзитетската професорка во изјавата за Нет Прес.

Таа додава дека СДСМ иако ветува почитување на владеење на правото, на уставност и на законитост во работењето, во пракса делуваат сосема спротивно.

За оваа партија која додека е во опозиција се колне на почитување на владеење на правото, на уставност и на законитост во работењето и во политичкото делување, на правда и правичност, на строго одделување на државата од партијата, ако и се укаже шанса да се доближи до власта и да ја помириса нејзината моќ, во пракса делува сосема спротивно. Владеењето на правото го трансформира во владеење на партиските послушници, уставноста и законитоста ги погазува секаде и во секоја смисла, фаворизира неуставност и незаконитост секаде каде што луѓе од оваа партија имаат главен збор, правдата и правичноста инстантно ја забораваат штом се доберат до фотелјата, а одделувањето на партијата од државата за час го преименуваат во целосно сраснување на партијата со државата, додава Каракамишева-Јовановска.

Смените на раководителите во МВР, според дополнителниот заменик министер се незаконски, еднострано потпишани и претставуваат безочен упад во законската регулатива. Андонов смета дека Спасовски се ставил над законот, при што го довел во прашање целокупниот систем на организација и работа во Министерството.

Спасовски на најгруб начин го девалвираше правниот систем и ги погази сите правни принципи врз кои е втемелена работата на министерството, обвинува дополнителниот заменик министер Оливер Андонов.

Со бесправното и еднострано потпишување на решенијата за распоредување на раководни позиции на 11 лица вработени во МВР, Спасовски на најдобар начин покажа дека за него не постои Устав и Закон, туку само негов личен интерес и интерес на неговата партија, што е во директна спротивност со законот за преодна Влада за спроведување на избори. Заобиколувајќи ги на криминален начин правилата, процедурите и критериумите за распоредување, Спасовски си дозволи да унапредува лица за 3-4, па се до 12 скалила во хиерархиската поставеност, што е акт без преседан и кој нема ама баш никакви допирни точки со Закон за внатрешни работи, подзаконските акти на МВР и колективниот договор. Иронијата да биде уште поголема, меѓу бесправно унапредените лица, на раководни функции има и такви против кои се водат дисциплински постапки за грубо кршење на законите, што само по себе говори за квалитетот и кредибилитетот на кадрите поставени од негова страна, изјави Андонов на денешната прес-конференција.

Андонов вели дека со ваквото дејствување станува јасна намерата на Спасовски да раководи незаконски, непрофесионално и самоволно, вршејќи притисоци и закани за сите оние кои не мислат како него, и посочи дека нема да дозволи МВР да се претвори во партиски штаб и место на кое Спасовски брутално го погазува и руши дигнитетот на министерството.

Најави дека ќе ги искористи сите законски можности да го запре ова невидено самоволие на Спасовски и апелираше до него да ја повлече штетната и незаконска одлука и да прифати средба на која заеднички, согласно законот за внатрешни работи, подзаконските акти и Колективниот договор, ќе ги разгледаат и регулираат сите отворени прашања.

Техничкиот министер за внатрешни Спасовски, пак вели дека смените се согласно измените на Законот за Влада кој произлезе од политичкиот договор што го потпишаа четирите лидери на политичките партии и дека тој само го искористил тоа негово право.

Тоа го направив врз основа на мојата проценка и проценката на мојот тим со единствена задача да до изборите Министерството за внатрешни работи функционира нормално, да се обезбедат услови за фер и демократски избори, да се остваруваат сите функции кои што се предвидени со законот на Министерството за внатрешни работи, да се сочува јавниот ред и мир безбедноста на граѓаните на Република Македонија и да не дозволиме Министерството за внатрешни работи да биде алатка во рацете на било која од политичките партии туку напротив да биде во интерес на граѓаните и да создаде услови граѓаните слободно да донесат одлука за следните парламентарни избори, рече Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Со овие смени, техничкиот министер од редовите на СДСМ ги враќа кадрите кои беа на овие позиции и во претходниот негов мандат иако за дел од нив, беше утврдено дека се незаконски поставени спротивно на системот за кариера на МВР за што имаше и соодветни пријави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.