Во контекст на преговорите поврзани со прашањата околу гласањето на дијаспората, Обединетата Македонска Дијаспора – ОМД изработи студија со предлози за гласањето на дијаспората.
Студијата е наречена: „Решавање на институционалните препреки за Македонците кои живеат надвор од Р. Македонија“, а како што наведуваат од Обединетата Македонска Дијаспора истата е објавена во контекст на домашната ситуација и преговорите на Работната група за имплементација на договорот од Пржино и во светло на тековните разговори околу гласањето на дијаспората.
Оваа студија соддржи предлози за решавање на проблематиките околу прашањето за глас во дијаспората. Авторот на студијата, г-дин Гавин Копел, го анализира уредувањето на ова прашање во други држави низ светот. Заклучокот на оваа студија е дека укинувањето или ограничувањето на правото на глас на граѓаните на Република Македонија кои живеат надвор од земјата има потенцијал да ја загрози врската помеѓу дијаспората и Македонија. Наместо тоа, владата на Република Македонија треба да воведе поштенско или електронско гласање, да отвори повеќе конзулати и да формира Министерство за Дијаспора. Овие реформи се веќе имплементирани и испробани во низа други држави, и се имаат покажано како силни политички инструменти за зајакнување на демократијата и економијата на една нација, се вели во соопштението од ОМД.
ОМД: Одземањето на правото на глас на дијаспората е несфатлив потег
Инаку, претходно, по повод прашањето за одземање на правото на глас на дијаспората ОМД се огласи и ги осуди сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат на претседателски и парламентарни избори во Република Македонија во трите изборни единици во дијаспората.
Според ОМД предлогот за одземање на правото на глас на Дијаспората е несфатлив потег и дополнително оттуѓување на иселениците.
За нас, предлогот за одземање или дополнително отежнување на правото на глас на дијаспората претставува несфатлив потег кој укажува на длабоко непочитување кон оние кои имаат континуиран и огромен придонес за економскиот развој на Република Македонија, како и за добивање меѓународна поддршка околу пристапот на државата во Евро-атлантските институции како НАТО и ЕУ, се вели во соопштението.
Дијаспората е клучен партнер на Република Македонија
ОМД во писменото соопштение нагласува дека дијаспората е клучен партнер на Република Македонија. Укажува дека Дијаспората е интегрален елемент за унапредување на Репулбика Македонија во сите полиња, особено надворешната политика и економијата.
Дијаспората директно придонесува 18-20 проценти од домашниот бруто производ на Република Македонија, а придонесува и за зголемување на локалната економија во земјата. Историски, Македонците надвор од матичната држава се бореле за незавизна, слободна, и суверена Македонија и откако оваа цел во 1991 год. се постигна, дијаспората продолжи да биде важен фактор за стабилноста и компетитивноста на државата. Затоа, според ОМД, дијаспората мора да продолжи да го ужива своето универзалното право на глас и да биде претставена преку свои пратеници во Собранието на Република Македонија, велат од ОМД.
Груевски: Дијаспората е нераскинлив дел од македонското ткиво
За правото на глас на дијаспората во понеделникот говореше и претседателот на владата на Република Македонија, Никола Груевски, кој рече дека дијаспората е нераскинлив дел од македонското ткиво и силен подржувач на државата. Треба да остане правото на глас и на избор на нивни пратеници во Парламентот бидејќи тоа е симболичен гест на државата за да се оддолжи за нивната поддршка и да се слушне нивниот глас во Парламентот.
Без оглед на причините поради кои се иселиле од Македонија, најголем дел од нив со душа и срце и помагаат на Македонија, ги следат настаните во Македонија, придонесуваат за развојот на Македонија. Оттука, би апелирал до сите политички партии да не се ускратува можноста не само на глас на дијаспората, туку и на нивни пратеници.
Ова го посочи премиерот Груевски во понеделникот во одговор на новинарско прашање по посетата на ОУ „Никола Петров Русински“ во населено место Русиново, Беровско и нагласи, оти тоа ќе ќе значи дека ние овдешните политички чинители сакаме да го тргнеме нивното мислење, да не се почитува и да не се слушне во Парламентот.
Она што во изминатиот период се предлагаше беше не да се укине гласањето на дијаспората, туку да се направат такви законски измени со коишто дијаспората ќе има еден или ниеден пратеник. Доколку опозицијата или која било партија има забелешки на изборниот процес и неправилности во изборниот процес ние сме целосно отворени да ги разгледаме, да промениме нешто, да подобриме, да надградиме, но не и да се направат закони со кои де јуре дијаспората ќе има три пратеници, но де факто во реалноста кога ќе дојдат изборите ќе има еден или ниеден пратеник. Такво нешто не е фер кон луѓето во дијаспората. Тоа е на некој начин работење зад грб на дијаспората, прецизира премиерот.