Омраза 2

Актуелноста е коинциденција, пишaнкава е општа, немој некој да си даде на значење дека конкретно некому се однесува или е инспирирана од некого, ова е само втор дел од она што го пишав пред пар недели.

Право на избор – и добро и лошо

Има ли оправдание омразата? Дали имаме секогаш добра причина за омраза? Ако сте човек без религиозни и морални начела – да, имате лично право да хејтате, мразите, пљукате, гнасите и поганите. Вашата желба за злоба можете да ја оправдате со милион причини – непријател е, му враќам мило за драго, заслужено, тој бил лош, лошо правел, го мразам, заслужува и треба така…

Бесконечен е списокот на оправдание да се врати на зло со зло, око за око и многумина за да се оправдаат, ќе се повикаат на Библијата, Стариот Завет, на правда, ваква или онаква… Но, стариот Завет е стар и поништен од Христос. Секој кој малку е навлезен во христијанството знае дека новиот завет е завет на љубовта, завет на САКАЈ ГО БЛИЖНИОТ СВОЈ, САКАЈ ГО НЕПРИЈАТЕЛОТ СВОЈ, САКАЈТЕ СЕ КАКО ШТО ЈАС (Христос) ВЕ ВОЗЉУБИВ ВАС (парафразирано).

И ОК е да си хејташ, хејтале други, зошто и ти да не? Сите хејтаат. Но, ако се декларираш како христијанин и цивилизирано суштество, имаш ли право за такво нешто? Јас колку следам Eвреите не ги хејтаат Германците за злоделата за кои им ги направиле? Но, они имаа сатсифакција – имаше пресуди и крвниците беа осудени. А, .за нашиот народ? Ништо! Значи оправдание за хејтање се најде, но ќе беше ли подобро ако наместо тоа се појдеше во една итра, лукава, правно издржана борба за осуда на она што ти било направето, дали лично, дали општо, дали на цел народ? Дали можеш да бидеш патриот ако мразиш други и сакаш да се осветиш? Вие си знаете, колку ви фаќа умот и срцето.

Освети се!

Да, осветете се, на правен, политички, интелектуален начин кој целиот свет ќе го прифати и поддржи, и така да донесеш правда, човечка, правна за оние за кои се залагаш, за век и веков, ако воопшто? А, вака, само ќе им дадеш сила на непријателите да докажат дека вредело тоа што ти го направиле!?!?

Но, ние сме повеќе од материја, ние сме создадени и од дух, а духот е суштината на Љубовта – намерно со голема буква, оти се повикувам на изворноста нејзина. Нам ни треба нешто повеќе одошто задоволување на страстите и човечка правда која најчесто нема никаква врска со Божјата. Често и јас самиот, иако сум тапкан по глава од најдобри учители, често сум во конфузија како да постапам? Дали да вратам???… а, да вратиш е така слатко, привлечно, како млада старлета, проститутка, која бесплатно ти се нуди за секаков блуд да си ги задоволиш сите желби до една… како кокаин пред политичар и менаџер, како хероин на џанак, како кафе пред административец, како чашка на алкохоличар, како понудена цела слаткарница на основци, како доаѓање на власт или слава со потпис како ликот од романот на Булгаков, како Доријан Греј, како Пилат, кои си ја продале душата и си ги оправдале своите постапки со добри намери??? Дај ми сега, ќефот во овој миг, сега и ништо после и пред тоа не е важно. Важно да го направиш тоа што сакаш сега и во овој миг. Он тебе да те навреди, да го страда твојот народ, да ти прави заврзлами… сега ќе види убаво… !!! Банзаи! И нема филм каде не се оправдува осветата на херојот, но скоро и нема ниту еден среќен крај каде осветата донела чувство на исполнетост.

И како да се постапи? Дури и јас сум пречесто, а глумам демек верник што би требало да значи барем грам духовност и христијанска љубов, во прашалници како сега да постапам? Најчесто се повикувам , по ова прашање, на неколку сцени од Евангелието, Христовото Страдание.

Како би постапил Христос?

Прво, кога дошла војската, која го мачела неговиот народ, да го упаси, не се противел. Неговиот следбеник, најверен, посегнал со нож и го повредил едниот војник. Христос, не само што го укорил својот следбеник, туку и му ја залечил раната (увото) на војникот. Божји Син и совршен човек, со власт да делува на времето, просторот, материјата, кој имал власт и моќ во стил, на современо тренди денес кажано, како Танос, со кликање на прстите да ја уништи поништи целата војска, да се спаси од страдање, да завладее и сите лоши ги казни, сега, овде, во овој миг, одбива! Не го прави она што нам, човечки ни изгледа логично, туку пострадува невин, и се моли за сите. Го дава животот за сите луѓе, и добри и лоши. Од своите следбеници и во своето предание преку нив бара да ги сакаме непријателите, да се молиме и за нашите крвници… Тоа е подвигот на љубовта, оти таа не знае да мрази и се осветува, љубовта едноставно сака, таа е кретивна, не е деструктивна. Не можеш да кажеш дека имаш љубов, а мразиш некого. Да, мрази го гревот, постапката, злосторството, но никогаш човек, оти ти немаш моќ над неговото битие, ниту си го создал, ниту ја поседуваш неговата душа, ниту пак си му ја дал ултмативната слобода на избор – добро или лошо, да го прифатиш или отфрлиш Бога.

И сега? Во која правно – политичка форма ова може денес да се стави? Во кој пост на социјални мрежи каде секој социопат се умислува дека има велелепен портал и дека е уредник-новинар-патријарх-лидер-и дежурен моралиста, постира мудрост, знаење и решенија? Затоа што наспроти потовите за Христа каде има 20 лајка, а постовите со омраза (оправдана) има 200? Луѓето се хранат на туѓата омраза.

Реков, ако немате религиозни принципи, туку само човечки смисол за правда – хејтајте, само има едно, кога тогаш – некој ќе најде некаков модус и ова да престане. Лошото е што секој затскриен зад лажни профили се чувствува моќен и влијателен, ама неверата и атеизмот те оправдуваат затоа што си убеден дека нема Виша Сила пред која ќе одговараш?

Можеби сте во право… но, што ако грешите?