ОН ја суспендираа својата мисија во Австралија против тортура

ОН денеска соопштија дека ја прекинале својата мисија во Австралија против тортурата бидејќи нивните инспектори биле спречени да посетат неколку затвори и притворски центри.

Инспекторите на ОН, кои дојдоа во Австралија да ги посетат затворите според договорот за спречување на тортура врз затворениците, рекоа дека донеле „драстична одлука“ да ја прекинат мисијата бидејќи им бил оневозможен пристап до некои затвори и информации.

Главниот инспектор Ајша Мухамед, судија на Врховниот суд на Малдивите, рече дека Австралија „очигледно ги прекршила“ своите меѓународни обврски.

„И покрај нашите многу напори да ја објасниме нашата превентивна мисија, таа очигледно не беше разбрана“ во Австралија, рече таа.

Во 2017 година, Австралија го ратификуваше Протоколот кон Конвенцијата на ОН против тортура, обврзувајќи се на реформите што ги штитат затворениците и пристапот до затворите за инспекции.

„Таа земја имаше речиси пет години да се подготви за посетата. Австралија сега ќе треба да одговара за својот срамен дебакл пред Комитетот на ОН против тортура“, рече инспекторот.

Австралија одби пристап до инспекторите на ОН поради несогласувања меѓу федералната влада и австралиските сојузни држави одговорни за спроведување на Конвенцијата на ОН.

Австралиските затвори и центри за притвор редовно се на удар на критики поради кршење на човековите права, особено против абориџинската заедница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.