ОН бараат да се формира влада на Косово и да продолжи дијалогот со Белград

Шефот на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Фарид Зариф синоќа ги повика косовските политички лидер да го завршат процесот на формирање нова влада на Косово, по што би продолжил дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина, пренесе МИА. 

– Доцнењето од шест месеци во формирањето влада на Косово нанесе штети, бидејќи дојде до доцнење во спроведувањето на институционалните реформи и во продолжувањето на дијалогот со Белград, изјави Зариф пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк, каде го презентираше редовниот квартален извештај за состојбата во Косово.

– Потребно е да се земе нов залет и што е можно побрзо да продолжат средбите на високо ниво (меѓу Белград и Приштина), со цел двете страни да ги спроведат дадените ветувања и да ги искористат можностите што ги носат ЕУ и европските интеграции, изјави Зариф на седницата на Советот за безбедност на која присуствуваа и премиерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

Тој повика и на интеграција на четирите општини со доминантно српско население на северот од Косово во структурите на државата и за што поскоро формирање на Заедницата на српските општини, како што е предвидено со Броселскиот договор меѓу Белград и Приштина.

Во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, српскиот премиер Вучиќ рече дека Белград е цврсто определен за „продолжување на активното и конструктивно учество“ во разговорите со Приштина на сите нивоа, бидејќи тоа е „единствениот пат за да се дојде до основната желба, а тоа е мир на Балканот, како основа за неговиот развој“.

– И по цел век судири, војни и жртви… (српската) Влада направи исчекор во односот кон Албанците, кој сосема сигурно може да се нарече историски. Владата наместо судири избра договор, наместо пробелеми – решенија и што е најважно, наместо смрт – живот, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека Србија нема да се откаже од својот став за „нелегалност на самопрогласената ксовска независност“, но дека сепак таквиот став „не го спречува животот на Косово и Метохија“.

Вучиќ истакна дека очекува новата косовска влада да биде формирана во следните денови, по што би продолжиле дијалогот и имплементацијата на Бриселскиот договор.

Косовскиот премиер Тачи пак изјави дека Косово остварило значаен напредок, поради што се надева на што поскоро членство во ОН.

– Ве повикувам да го признаете косовскиот напредок. Новата реалност бара храброст да се создадат нови односи меѓу ОН и Косово. Уверен сум дека тоа ќе се случи многу брзо и дека Косово ќе стане полноправна членка на семејството на ОН, рече Тачи во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН.

Тој нагласи дека благодарејќи на разговорите со Србија и „историскиот Бриселски договор“, Косово се трансформирало и при тоа и се заблагодари на Србија за храброста и посветеноста на дијалогот.

– Граѓаните на Косово, кој било и да се, не се заинтересирани за националистичките говори и за етничките соништа, тие сакаат напредок и мир, потенцира Тачи.