Џон Болтон во книгата наведува дека Трамп ја задржал помошта за Украина поради истрага за Бајден

18

Во извадоци од се уште необјавена книга на Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, се дознава дека Трамп лично му кажал на Болтон за неговите планови со Украина.

Весникот „Њујорк тајмс“ објави неколку делови од работната верзија на книгата во кои е аведено дека Трамп лично му кажал на Болтон дека ќе ја задржи воената помош за Украина, се додека Киев на објави истрага за демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, политички ривал на Трамп.

Доколку наводите се точни, ова може да ја ослаби одбраната на Трамп во судската постапка за импичмент, што денеска продолжува во Сенатот.

Демократите го обвинуваат Трамп дека ја условил Украина да започне истрага за негов политички ривал со воена помош од 391 милијарда долари и со разобличена теорија дека Украина се вмешала во изборите на САД во 2016 година, а не Русија.

Одбраната на Трамп вели дека задржаната помош не била поврзана со никаква истрага, туку поради загриженоста на Белата куќа од корупцијата во Украина, и со барањето до ЕУ да се ангажира поактивно во борбата на Киев против руските сепаратисти на истокот од земјата.

Демократите пак, велат дека Трамп ја испорачал ветената помош затоа што „бил фатен“ како во телефонски повик со неговиот украински колега Володомир Зеленски изнудува „услуга“ од него – да објави истрага за Бајден.
Болтон изјави дека има намера да сведочи ако биде повикан од Сенатот.

На демократите им се потребни четири гласови на сенатори републиканци за да се одобри присуство на сведоци во судската постапка. Засега, само двајца умерени сенатори, Мит Ромни од Јута, и Сузан Колинс од Мејн, најавија дека би сакале да бидат сведоци.

Покрај Болтон, демократите бараат да сведочи и Мит Молвејни, раководител на персоналот во Белата куќа, кој е директно поврзан со случувањата околу задржаната помош за Украина, и уште двајца официјални лица.

– Лагата со импичментот е масивно мешање во изборите какво што немало досега, напиша Трамп синоќа на Твитер.

Претходно, тој го нападна главниот демократски обвинител во судската постапка, конгресменот Адам Шиф од Калифорнија, како „корумпиран политичар и можеби многу болен човек“.

– Се уште ја нема платено цената за тоа што и направи на нашата земја, напиша претседателот на Твитер.

Шиф во интервју за „Ен-би-си њус“ вчера порача дека коментарите на Трамп биле заканувачки.

– Ова е лут и осветољубив претседател. Нема сомнеж во тоа, погледнете што пишува за мене, дека треба „да платам цена“, изјави Шиф.

Судската постапка за импичмент на Трамп продолжува денеска со вториот ден од приложување аргументи на одбраната. Потоа, секој од сенаторите ќе има можност да поставува прашања.

Доколку Сенатот не изгласа присуство на сведоци за распит, одлуката дали претседателот треба да биде разрешен може да оди на гласање уште во текот на оваа недела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.