ОН го осудија Израел за прекумерно користење сила против палестинските цивили

Генералното собрание на Обединетите нации го осуди во средата ноќта Израел поради прекумерното користење сила против палестинските цивили и побара од генералниот секретар Антони Гутереш да препорача „меѓународен механизам за заштита“ за окупираните палестински територии.

Генералното собрание на ОН донесе Резолуција за тоа со 120 гласови „за“, осум „против“ и 45 воздржани членки, на предлог на Алжир, Турција и Палестинците откако САД ставија вето на слична резолуција во Советот за безбедност при ОН претходно месецов. Резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки, но имаат политичка тежина.

Во Резолуцијата се осудува прекумерната употреба на вооружените сили, но не се споменува Хамас, палестинското исламистичко движење коешто ја контролира Газа коешто Израел го обвинува за гранатирање на неговата територија.

Повеќе од 120 Палестинци се убиени од израелските сили во пограничните протести во Газа по 30-ти март. Најголем број смртни случаи имаше на 14-ти мај,м на денот кога САД ја преселија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим со што го признаа Светиот град за израелска престолнина на што жестоко се противат Палестинците.

Поради меѓународната осуда на употребата на сила, Израел изјави дека многумина од загинатите биле милитанти, како и дека израелската војска одбивала напади на границата меѓу Израел и Газа, додека САД го поддржаа правото на Израел да се брани. Палестинците и земјите коишто ги поддржуваат, пак, тврдат дека повеќето настрадани демонстранти биле невооружени цивили, како и дека Израел против нив употребил прекумерна сила.