ОН- Македонија прва во регинот според растот на странски директни инвестиции

Според „Извештајот за инвестициите во светот 2019″, објавен од Конференцијата на ОН за трговија и развој, највисок раст забележан во регионот лани имала Македонија, каде странските директни инвестиции се зголемиле за 260 отсто, од претходните 205 милиони долари во 2017, односно вкупно тие изнесувале 737.000.000 долари минатата година. Македонија е и прва според растот во оваа категорија од сите пост-транзициски земји во извештајот.

Западен Балкан минатата година забележа раст на странските директни инвестиции, и покрај негативниот тренд во целиот свет, а Србија на ниво на инвестиции е на  второто место, се вели во извештајот на органите на Обединетите нации, пренесува „Радио Слободна Европа”. Србија, која има вкупно најголем прилив на странски директни инвестиции во регионот, забележа зголемување од 44 отсто, на 4,1 милијарда долари.

Се известува дека странските директни инвестиции се намалиле за 13 отсто во светот – на 1.300 милијарди долари, додека Западен Балкан забележува зголемување од 33 отсто на 7,4 милијарди долари.

Од земјите членки на ЕУ во регионот, најголем пораст е забележан во Словенија, 81 отсто, односно на 1.4 милијарди долари, додека во Хрватска се намалил за 43 отсто, односно на 1,2 милијарди долари, додека во Бугарија е забележан пад на две милијарди долари, или 21 проценти.

Црна Гора забележа пад од 12 отсто на 490 милиони долари, додека во Босна и Херцеговина евидентиран е раст од четири отсто на 468 милиони долари, а во Албанија тие се зголемиле на 1,3 милијарди долари, односно за 13 отсто.