Џон Малкович ќе гради филмски студија во Скопје – во чест на богатата македонска историја

Филмската ѕвезда Џон Малкович во ексклузивна изјава за МТВ најави изградба на повеќе филмски студија во околината на Скопје, кои се дел од проектот „Скопје технолошки парк“.

– Многу сум возбуден што можам да го најавам овој проект, со колегите професионалци Д.В. Мафет и Мет Дилон да отвориме филмски студија со сертификати на Холивуд, со музичко-медиумски и еколошки стандарди во Скопје, прво такво студио на Балканот. Решивме да го наречеме проектот „Стоун бриџ студио“, во чест на богатата македонска историја – рече Малкович кој моментно се наоѓа на снимање во Заечар, Србија.

Тој рече дека како балканец по потекло му придава специјално значење на овој проект.

– Цврсто верувам дека тој ќе биде од клучно значење за развојот на филмската уметност во регионот – вели Малкович.

Тој најави дека ќе го посети Скопје штом проектот ќе биде одобрен од Владата.

– Возбудени сме што ќе можеме во Скопје да снимаме холивудски филмови и што ќе можеме да придонесеме за подигање на нивото на сета балканска филмска и музичка продукција која е во подем – рече холивудскиот актер Малкович.