ОН: Милијарда луѓе се изложени на ризик од колера

Колерата им се заканува на милијарда луѓе во 43 земји, предупредија денеска Обединетите нации.

„Пандемијата ги убива сиромашните пред наши очи и точно знаеме како да ја спречиме, но потребна ни е поголема поддршка и посветеност од меѓународната заедница бидејќи, ако не дејствуваме веднаш, ситуацијата ќе се влоши“, рече Џером Пфафман Замбруни шеф на оддел на УНИЦЕФ за справуавње со кризи во јавното здравство.

„Светската здравствена организација проценува дека една милијарда луѓе во 43 земји се изложени на ризик да заболат од колера“, рече неговиот колега Хенри Греј, од Светската здравствена организација . Според него, болеста се шири поради лошите санитарни услови и недостиг од вода за пиење.

На организацијата на ОН и се потребни 640 милиони долари за борба против таа заразна болест. СЗО предупредува дека кампањите за вакцинација се соочуваат со многу тешкотии. Годинава 24 земји пријавија епидемии на колера, а лани имаше 15 во средината на мај.

Греј го припишува зголемувањето на сиромаштијата, конфликтите, климатските промени и миграцијата на населението во крајно несигурни услови. СЗО мораше да издаде препорака за само една доза од вакцината, наместо две, за да спаси повеќе луѓе, но со ризик заштитата да трае помалку.