ОН остро го осудија руското ракетирање на Одеса

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и повеќето западни земји денеска експресно го осудија ракетниот напад на Русија врз пристаништето Одеса, само еден ден откако беше потпишан договорот за деблокирање на извозот на украинското жито преку Црното Море.

„Генералниот секретар недвосмислено ги осудува денешните ракетни напади врз украинското пристаниште Одеса. Вчера сите страни презедоа јасна обврска на глобалната сцена да обезбедат безбедно движење на украинските житарки и сродни производи на глобалните пазари“, соопштија Обединетите нации.

„Овие производи се очајно потребни за да се реши глобалната прехранбена криза и да се олесни страдањето на милиони луѓе ширум светот. Руската, украинската и турската имплементација на договорот е императив“, се додава во соопштението на ОН.

Русија, Украина, Турција и ОН вчера во Истанбул потпишаа договор за деблокирање на извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море. Украина е еден од најголемите светски производители на жито, а од блокадата беа погодени и сиромашните земји зависни од украинското жито.

Американската амбасадорка во Киев, Бриџит Бринк, изјави дека Кремљ „продолжува да ја користи храната како оружје и дека Русија мора да одговара за тоа“, додека шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок кажа дека тоа е „кукавички напад“ и дека „ова покажува дека потписот на Русија малку вреди“.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, слично како и Баербок, рече дека нападот покажува дека Русија „не го почитува целосно меѓународното право и обврски“.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко, изјави дека со ракетниот напад во Одеса, Путин ги „плукнал в лице генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и турскиот претседател, Реџеп Ердоган“.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, ја обвини Русија дека „систематски создава криза со храната и прави се за луѓето да страдаат“ и посочи дека најдобра заштита од тоа се санкциите и повеќе оружје за Украина.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Игнат изјави дека Русите ја гаѓале токму областа каде што се наоѓало житото.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, тврди дека „нападот докажува само една работа: што и да каже и ветува Русија, ќе најде начин тоа да не го спроведе (договорот за житарките).

Руското Министерство за одбрана денеска не ги коментираше наводите за ракетниот напад врз Одеса.