ОН побара од Иран да ги ослободи политичките затвореници заради коронавирусот

Специјалниот известувач на ОН за правата на човекот во Иран, Џавид Рехман, денеска изјави дека го замолил Техеран привремено да ги ослободи сите затвореници, додавајќи дека „жално и загрижувачки“ е да продолжи да ги држи политичките затвореници во затворите по избувнувањето на епидемијата од новиот коронавирус, пренесоа британските медиуми.

Иранскиот министер за правда вчера изјави дека привремено се  ослободени околу 70.000 затвореници за да се помогне во спречувањето на ширењето на коронавирусот во затворите, бидејќи секојдевно пристигнуваат информирации за стотици нови инфекции и десетици смртни случаи во земјата.

Но, известувачот на ОН изјави дека од затворените се ослободени само оние кои издржуваат затворски казни помали од пет години, додека политичките затвореници и другите осуденици за потешки кривични дела, поврзани со нивни учества во протестни маршеви, остануваат во затворите.

Рехман, исто така, темпото на ширење на вирусот во Иран го опиша како „премногу невнимателно” и притоа ги критикуваше огриничувачките мерки што ги спроведуваат иранските власти.

-По моја проценка државата направи премалку и предоцна, рече тој во одговор на прашање за начинот на кој Техеран се справува со епидемијата.