ОН повикаа на целосно укинување на израелската блокада на Појасот Газа

Обединетите нации повикаа на целосно укинување на израелската блокада на Газа, во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност од 2009 година.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик, на прес-конференција одржана во седиштето на ОН во Њујорк потсети дека се навршуваат 15 години од почетокот на блокадата во Појасот Газа.

-Поради сиромаштијата, високата невработеност и други фактори предизвикани од блокадата, околу 80 отсто од населението во Газа зависи од хуманитарната помош, рече тој.

Тој посочи дека само одржливите политички решенија можат да го ублажат притисокот врз жителите на Газа, пренесува Анадолија.

-Треба да се продолжат напорите за да се постигне компромис меѓу сите палестински политички групи и да се подреди Газа и окупираниот Западен Брег на легитимна и демократска Палестина, рече Дужарик.

Тој нагласи дека во Газа повеќе од половина од нејзините два милиони жители живеат во сиромаштија.

-Годинава ќе бидат потребни 510 милиони долари за да се обезбеди храна, вода, санитарни услови и здравствена заштита за 1,6 милиона лица, а сега имаме само 25 отсто од тоа, рече Дужарик.

Израел од 2007 година го држи под блокада Појасот Газа, а во него живеат повеќе од два милиона лица, што ги отежнува животните услови на жителите на Газа.