ОН предупредуваат дека Пјонгјанг со нелегален извоз го заобиколува санкциите

Северна Кореја минатата 2017 година заработила речиси 200 милиони американски долари, извезувајќи стоки со што ги прекршувала меѓународните санкции, се наведува во извештајот на Обединетите нации.

Извештајот на меѓународна група стручњаци наведува дека неколку земји, меѓу коишто се Кина, Русија и Малезија, увезувале стоки од Северна Кореја. Се наведува и дека „постојат докази“ за воена соработка на оваа земја со Сирија и Мјанмар.

Северна Кореја е под санкции на Обединетите нации, како и на САД и на Европската унија, поради развивањето на нејзината нуклеарна и балистичка ракетна програма.

Во извештајот кој е предаден во Советот за безбедност на ОН се вели дека Северна Кореја „продолжува да ја извезува речиси сета стока којашто е забранета со резолуциите донесени во периодот меѓу јануари и септември 2017 година“.

Извештајот, исто така, наведува дека неколку мултинационални нафтени компании, чиишто имиња не се наброени, се под истрага за наводна улога во снабдувањето на Северна Кореја со нафтени производи.

На Кина, Малезија, Јужна Кореја, Русија и Виетнам им биле доставени пратки со јаглен, со што се прекршени санкциите, а Мјанмар и Сирија продолжуваат да соработуваат со главниот севернокорејски извозник на оружје „Komid“, и покрај тоа што тој е на „црната листа“ на ОН. Постојат наводно и докази дека Северна Кореја на Сирија ѝ помагала да развие хемиско оружје, и доставувала балистички ракети во Мјанмар.

Владата на Сирија реагирала предочувајќи дека единствените севернокорејски стручњаци коишто се наоѓаат на територијата на земјата се оние коишто се вклучени во спортските активности.

Амбасадорот на Мјанмар во ОН, пак, рекол дека неговата земја нема никаква соработка поврзана со оружје од Северна Кореја.