ОН стравуват од „катастрофа“ за човековите права

Високата претставничка на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Мишел Бачелет, ги повика во понеделникот сите земји во светот да го почитуваат принципот на правна држава во текот на пандемијата на коронавирусот, ограничувајќи ги во прв ред вонредните мерки за да се избегне „катастрофата за човековите права“.

„Со наштетувањето на правата како што е слободата на изразувањето, може да се предизвика неизмерлива штета на напорите преземени за зауздување на Covid-19 и подоцна опасни социоекономски последици“, истакнува Мишел Бачелет во писмената изјава за медиумите.

ОН се посебно загрижени бидејќи воведените мерки и законите во некои земји се однесуваат на „нејсано дефинирани кршења, за коишто понекогаш следуваат строги казни, и ги потхрануваат стравувањата дека би можело да бидат користени за замолчување на медиумите и запирање на критиките од опозицијата“.

„Имајќи ја предвид природата на кризата, јасно е дека државите имаат потреба од дополнителни овластувања за да ѝ се спротистават. Сепак, ако не се почитува правната држава, сотуацијата на санитарната итност може да стане катастрофа за човековите права, чиишто штетни ефекти на долг рок би ги надминале ефектите од самата пандемија“, наведува уште Бачелет.

„Владите не би требало да ги користат овластувањата кои произлегуваат од вонредната состојба како оружје за замолчување на опозицијата, за контрола над населението или за тоа да останат на власт“, предупредува претставничката на светската организација.

Пораншената претседателка на Чиле, исто така, истакнува дека посебните мерки или вонредната состојба би требало да бидат „пропорционални, недискриминаторски и временски ограничени“, како и дека би требало да имаат „соодветна парламентарна, правосудна или јавна контрола“.

Добила, како што наведува, одредени информации од различни региони и земји во светот кои укажуваат дека полицијата и другите безбедносни сили користеле прекумерна сила за да ги натераат луѓето да го почитуваат карантинот или полицискиот час.

Бачелет го осудува и тоа што во некои земји се уапсени илјадници луѓе затоа што го прекршувале полицискиот час, оценувајќи дека тоа е „непотребно и опасно“, и повика веднаш да бидат ослободени.