ОН загрижени поради судењата на наводни припадници на ИД во Ирак

Обединетите нации денеска изразија загриженост поради судењата против стотиците наводни припадници на терористичката Исламска држава во Ирак, од кои некои само подготвувале оброци, нуделе медицински услуги или биле човечки штит за таа екстремистичка група.

Ирак процесуираше илјадници случаи врз основа на својот закон за борба против тероризам, вклучително и затвореници надвор од Блискиот исток, кои биле префрлени од соседна Сирија по војната во 2014-2017 година против екстремистите на Исламска држава.

– Заедничкиот извештај на Канцеларијата на ОН за човекови права во Ирак (УНАМИ) и Канцеларијата на Високиот комесар на ОН за човекови права (УНХЦР) опфаќа 794 судења спроведени меѓу 1 мај 2018 година и 31 октомври 2019 година, истакна портпаролот на УНХЦР Џереми Лоренс на брифингот во Женева.

– (Извештајот) предизвикува сериозна загриженост за неправедните судења и ставањето на обвинетите во сериозен хендикеп, рече Лоренс, додавајќи дека случаите во извештајот на ОН, исто така, вклучуваат и 28 странски државјани од 11 различни земји.

Во некои случаи, поединци продавале зеленчук или подготвувале оброци за припадниците на екстремистичката група, се вели во извештајот. Еден млад човек, кој во тоа време имал 14 години, е осуден на 15 години затвор затоа што признал дека служел како човечки штит за борците на ИД. Во друг случај, еден аптекар е осуден на доживотен затвор заради укажување на лекарска помош на припадниците на ИД.

Обвиненијата согласно анти-терористичка правна рамка се фокусираат на „членство“ во терористичка организација без доволно да се прави разлика помеѓу оние кои извршиле сериозни злосторства и оние кои се придружиле на ИД од неопходност да преживеат или биле присилени, се вели во извештајот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.