Јончевски: Со она што го имаме на располагање да одговориме на предизвикот – Данска

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, направи мини-анализа на сработеното во изминатиот подготвителен период за августовскиот ФИБА „прозорец“ и средбите со Данска на 25 август и Словачка три дена подоцна.

– Имавме нецели две недели подготовки. Првата ја искористивме за базични подготовки во Маврово и успеавме да поставиме систем според играчите со кои располагаме во овој момент, бидејќи, знаеме дека дел од тие играчи не се појавија на овој собир поради оправдани причини, тоа се повреди. Првпат почнуваме едни квалификации за ЕП во кои немаме натурализиран играч, тоа ќе биде голем хендикеп за нас, особено што имаме дефицит на високи играчи и ќе се обидеме со она кое располагаме да одговориме на предизвикот Данска, изјави Јончевски за сајтот на КФСМ.

И покрај се, новиот македонски селектор очекува оние кои ги одбра да атакуваaт на првиот триумф во овој втор круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.

– Секако дека одиме на победа на натпреварите. Со стручниот штаб работиме веќе подолго време на индивидуалните карактеристики на противникот. Во овие две-три недели Данците не одиграа пријателски натпревари, па ќе ги гледаме нивните претходни натпревари од квалификациите, против Косово и Норвешка. Знаеме со што располага противникот, имаат квалитетни играчи, можам да го издвојам Лудберг кој беше во НБА, а сега потпиша за евролигашот Виртус Болоња. Тој е најголемата опасност за противниците на Данска, додава Јончевски непосредно пред тргнувањето за Нествед.

Натпреварот ќе се игра в четврток навечер, од 19 часот.