Џонсон ја поднесе оставката

Британскиот премиер Борис Џонсон, како што беше најавено, ја поднесе во четвртокот рано попладнето оставка на позицијата претседател на владејачката Кознервативна партија, но најави дека ќе продолжи да служи на премиерската должност додека во партијата не биде избран неговиот наследник.

„Процесот на избор на новиот лидер треба да започне веднаш. Денска именував нова влада којашто ќе продолжи да работи, како и јас до изборот на новиот челник“, рече Џонсон пред седиштето на владата пред Даунинг стрит 10.

Ториевците ќе мора да изберат нов челник, а тој процес би можело да трае неколку месеци. Сѐ уште не е јасно дали Џонсон може во тој период да остане на премиерската позиција додека се бира неговиот наследните на чело на Конзервативната партија.

Велика Британија ќе продолжи да има функционална влада, изјави во четвртокот министерот Мајкл Елис, пред очекуваното објавување на оставката на неговиот премиер Борис Џонсон во партијата.

„Мораме да продолжиме да ѝ служиме на нашата земја. Нашата должност е да обезбедиме народот на оваа земја да има функционална влада“, министерот за државната каса Елис.

Од вторникот Велика Британија е зафатена со тешка политичка криза, а повеќе од 50 министри и високи владини функционери до четвртокот утрото се повлекоа од владата на Борис Џонсон, меѓу кои и министрите од клучните ресори во финансиите и здравството. Тие изразија недоверба во Џонсон и не се согласуваат со начинот на кој ја води земјата во услови на растечка инфлација.

Причина за тоа беше скандалот околу поранешниот заменик министер за надворешни работи за европски и американски прашања Кристофер Пинчер, кој пијан во приватен лондонски клуб од затворен тип „допирал“ и нападнал двајца млади мажи, откако пред неколку години бил обвинет за сексуално вознемирување. Џонсон призна дека бил предупреден за проблематичното минато на Пинчер, но сепак го именувал на позицијата заменик координатор на пратеничката група на конзервативците.

Минатиот месец Џонсон го преживеа гласањето за доверба покрената од неговите сопартијци во парламентот. Тогаш причина за гласењето беше скандалот со раскалашаните пијанки и забави во премиерската резиденција во Даунинг стрит 10 во 2020/2021 година, во текот на најстрогите забрани за движење за Британците поради епидемијата на коронавирусот. Џонсон го преживеа гласањето, добивајќи поддршка од 211 конзервативни пратеници, додека 148 беа против.