Џонсон бара од САД да укине имунитет на сопруга на дипломат поради сообраќајна несреќа

Британскиот премиер Борис Џонсон го повика во понеделникот Вашингтон да го укине дипломатскиот имунитет на сопруга на американски дипломат која учествувала во сообраќајна несреќа со смртни последици во Велика Британија.

„Мислем дека не е чесно да се користи дипломатскиот имунитет во тие цели“, изјави Џонсон. Додаде дека е подготвен ова прашање „лично да ѝ го постави на Белата куќа“ за да се осигури дека жената, која без судење заминала за САД, ќе биде вратена во Британија.

Деветнаесетгодишниот Хари Дан загинал коа возејќи мотоцикл се судрил со автомобил кај воздухопловната база во Нортхамптоншир во централна Англија на 27-ми август. Локалната полиција потврди дека 42-годишна Американка, Ен Соколас, која се смета за осомничена, ја напуштила земјата, иако рекла дека во блиска иднина не планира да излегува од Британија.

Американската амбасада во Лондон му изрази сочувство на семејството на загинатото момче.

„Сите прашања поврзани со укинувањето на имунитетот на нашите дипломати и членовите на нивните семејства во случаи како што е овој, се разгледуваат многу внимателно и на високо ниво“, изјави портпаролот на амбасадата на САД. Додаде дека имунитетот на американските дипломати „ретко им се укинува“.

Според Виенската конвенција од 1961 година, дипломатите и членовите на нивните семејства имаат имунитет од гонење во земјата домаќин, доколку не се и државјани на таа земја. Сепак, нивниот имунитет може да го поништи државата која ги испратила.