Џонсон: БиХ е изложена на најголема закана по војната, Британија ќе ѝ помогне

Британскиот премиер Борис Џонсон потврди во четвртокот дека неговата влада ќе ѝ испрати помош на Босна и Херцеговина, предупредувајќи дека оваа земја е соочена со најголемата закана за нејзиниот опстанок од војната во 1990-те години и ја обвини Русија дека наводно била директно одговорна за поткопувањето на стабилноста во земјата.

„Не можеме да дозволиме западен Балкан да стане уште еден полигон за погубните тежнеења на (рускиот претседател Владимир) Путин. Разгорувајќи го огнот на сецесионизмот и секташтвото, Русија настојува да ги поништи достигнувањата во БиХ во изминатите три децении кои придонесоа за стабилноста на целиот континент“, тврди Џонсон според цитатот од изјавата на официјалната интернет страница на кабинетот на британскиот премиер.

Во изјавата Џонсон истакнува дека БиХ „денес се соочува со најголемата закана по опстанокот по војната“ од 1992 до 1995 година, бидејќи „сецесионистичките лидери активно работата на поттикнување поделби и судири, што Русија го поддржува во рамките на настојувањата на Владимир Путин на тој начин да го поткопа процесот на евратлантските интеграции на БиХ“.

Во објавата се појаснува дека Велика Британија ќе упати свои експерти кои ќе помогнат во дејствувањето на штабот на НАТО во Сараево, задолжен за поддршка на реформите во одбраната, како и на министерството за одбрана на БиХ. Таму отсега ќе дејствува по еден стручњак за сузбивање дезинформации и цивилен советник за реформа на одбраната, кои ќе помогнат во обуката на припадниците на вооружените сили на БиХ за тие што поскоро да ги усвојат НАТО стандардите.

Британската влада дополнително ќе издвои 750.000 фунти за на еден сараевски универзитет да се создаде центар за кибернетичка безбедност.

Најавена е и блиска соработка со медиумите и органите на власта во БиХ за да можат да се спротистават на лажните вести и дезинформациите.

Владата на Џонсон претходно годинава воведе санкции за српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорд Додик, и за претседателката на ентитетот Република Српска, Жељка Цвијановиќ, кои поради тоа што бараат строго почитување на Дејтонскиот мировен договор и одбиваат мајоризација од страна на Федерацијата БиХ и управување со ресурсите на ентитетот, Лондон го обвини дека го поткопуваат територијалниот интегритет и стабилноста на БиХ, односно за наводно поттикнување сецесионистички планови кои дефакто би воделе кон издвојување на Република Српска од составот на државата.