Џонсон ќе бара од Г-7 да воведе нови санкции против талибанците

Велика Британија планира да побара нови санкции против талибанците на утрешниот состанок на Г7, на кој ќе се разговара за кризата во Авганистан.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој во моментов претседава со групата, во која се и САД, Италија, Франција, Германија, Јапонија и Канада, го свика самитот откако талибанците ја презедоа контролата врз целиот Авганистан.

Неименуван владин претставник соопштил дека Велика Британија верува дека Г7 треба да размисли за економски санкции и недавање на помошта доколку талибанците ги прекршат човековите права и дозволат нивната територија да биде упориште на милитантите.

-Од витално значење е меѓународната заедница да работи на обезбедување безбедна евакуација, спречување на хуманитарна криза и поддршка на авганистанскиот народ – напиша Џонсон на Твитер по свикување на состанок на Г7.

Талибанците минатиот викенд ја презедоа контролата врз Кабул што ги принуди цивилите и авганистанските воени сојузници масовно да бегаат заради безбедност.

Многумина велат дека се плашат од враќање на строгото шеријатско толкување на исламскиот закон, кое беше наметнато за време на претходното владеење на талибанците, што заврши пред 20 години со интервенцијата на САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.