Џонсон и Бајден го усогласиле пристапот кон Русија и Кина

Британскиот премиер Борис Џонсн и американскиот претседател Џо Бајден на состанокот во Белата куќа се согласиле дека решението на „меѓународните проблеми“, вклучително и оние кои се однесуваат на Русија и Кина, ќе продолжи да се заснова на заедничките интереси на Лондoн и Вашингтон, соопшти во средата кабинетот на британскиот премиер во Даунинг стрит.

„Премиерот и претседателот разговараа за голем број меѓународни прашања, вклучително и за Кина и Русија. Тие се согласија дека Велика Британија и САД ќе продoлжат да им пристапуваат на овие прашања врз основа на нашите заеднички вредности, а премиерот кажа дека со нетрпение го очекува лидерскиот самит за демократијата, кој ќе помогне во поттикнување на меѓународните активности“, се наведува во соопштението на Лондон.

Покрај тоа, двајцата челници разговарале и за активностите на сојузниците во однос на Авганистан по хаотичното повлекување од оваа земја по дводецениската војна и дошле до заклучокот дека „најдобриот начин да се сочува и почитува споменот на загинатите во оваа земја ќе биде да се искористат сите дипломатски и хуманитарни можности за да се спречи химанитарната криза“, како и да се „сочуваат успесите постигнати во Авганистан“.

Џонсон и Бајден, исто така, се согласиле дека меѓународното признавње на талибанската власт во Кабул мора да биде координирано и да зависи од тоа дали членовите на радикалното исламистичко движење ги почитуваат човековите права.

Во објавата на Дунинг стрит се додава и дека лидерите ја истакнале потребата од исполнување на климатските ветувања дадени од земјите и обезбедување глобален пристап до вакцините против коронавирусот.

Покрај тоа, претседателот на САД и британскиот премиер ја нагласиле улогата на договорот за одбрана и безбедност AUKUS во кој е придружена и Австралија, во промовирањето на мирот и стабилноста во светот, истовремено нагласувајќи дека таквото партнерство ги изразува „заедничките вредности и глобалните интереси на двете земји“.