Џонсон: Кралицата Елизабета Втора е во многу добра состојба

EPA-EFE/NEIL HALL

Кралицата Елизабета Втора е во многу добра форма, изјави британскиот премиер Борис Џонсон откако таа беше советувана од лекарите да одмора и избегнува јавни настани најмалку две недели.

Во британската јавност се појави загриженост за здравјето на 95-годишната кралица откако таа откажа неколку планирани настани и патувања и минатата недела помина ноќ во болница за првпат по осум години. Бакингамската палата не кажа за што станува збор, освен дека не е поврзано со ковид-19.

„Зборував со нејзиното височество и таа е во многу добра форма. Таа мора да следи совети од нејзините лекари и да одмора. Целата земја ѝ посакува сè најдобро“, кажа Џонсон.

Елизабета Втора, која е монарх со најдолг стаж на светот, одмора во замокот Виндзор и нема да учествува на претстојниот самит за климата во Глазгов, каде што требаше да им се обрати на светските лидери.

Бакингамската палата објави дека таа има намера да присуствува на голем настан на кој им се оддава почит на воените ветерани на 14 ноември, зашто ѝ бил од големо значење.