Џонсон: Не сакам поради Ковид-19 Британија повторно да се затвори

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека не сака Велика Британија повторно да се затвори заради вирусот „Ковид-19“.

Тој во интервју за „Сандеј телеграф“ рече дека не сака да наметне второ национално затворање и изолација во случај на втор бран на вирусот.

Џонсон го спореди националното затворање и изолацијата на „нуклеарно одвраќање“ и додаде дека не верува оти Велика Британија повторно ќе биде на таа позиција.

Од друга страна, главниот научен советник на Велика Британија рече дека постои ризик ваквите мерки да бидат потребни во зима.

Џонсон тврди дека властите се подобруваат во идентификувањето и изолирањето на локалните жаришта и додаде дека можноста за одлука или акција на национално ниво ќе остане опција.

„Не можам да се откажам повеќе од таа можност, отколку што би се откажал од нуклеарно одвраќање, но тоа е како нуклеарно одвраќање, јас сигурно не сакам да го користам. И не верувам дека повторно ќе бидеме во таа ситуација“, заврши Џонсон.