Џонсон очекува Г7 да донираат милијарда дози од вакцините за сиромашните земји

Британскиот премиер Борис Џонсон очекува дека групата седум најразвиени земји во светот позната како Г7, во текот на самитот кој почнува во петокот, ќе донира милијарда дози од вакцините против Covid-19 на сиромашните земји.

Џонсон, само неколку часа по веќе неколкупати повтореното ветување на американскиот претседател Џо Бајден дека САД ќе донираат 500 милиони дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“, рече дека Велика Британија ќе донира најмалку 100 милиони дози од својот вишок вакцини за најсиромашните земји.

Британскиот премиер претходно ги повика челниците од Г7 да се обврзат да го вакцинираат целиот свет до крајот на 2022 година, а се очекува и дека околу донацијата од милијарда дози ќе зборува и во текот на тридневниот самит на групата во Англија.

„Како резултат на успехот на програмата за вакцинирање во Велика Британија, сега можеме да го поделиме и вишокот од вакцините на оние на коишто им се потребни. Со тоа преземаме и масивен чекор кон тоа засекогаш да ја победиме оваа пандемија“, го цитираат Џонсон во соопштението за медиумите издадено од неговиот кабинет.

Иако вакцините против Covid-19 на пазарот стасуваа извонредно брзо, во Британија досега првата доза ја добуле 77 отсто од возрасната популација, а во САД 64 отсто, но се смета дека пандемијата ќе престане дури откако сите земји во светот ќе имаат висок процент од потполно вакцинирано население.

Имајќи предвид дека вкупното население на планетата се приближи до 8 милијарди, а огромниот дел од нив сѐ уште имаат потреба од две дози, а можеби и од дополнителни инјектирања за да можат да се справат со новите соеви на коронавирусот, некои стручњаци сметаат дека светските челници би требало да одат многу подалеку и многу побрзо во вакцинациите.

„Целта на Г7 е да обезбеди милјарда дози, и тоа би требало да биде минимум, а временската рамка би требало да се забрза“, вели Лиз Валас од групата ONE за борба против сиромаштијата.