Џонсон повика на избори на 12-ти декември, се откажа од брегзитот на 31-ви октомври

Британскиот премиер Борис Џонсон во четвртокот повика на одржување предвремени парламентарни избори на 12-ти декември, и првпат се откажа од своето ветување дека Обединетото Кралство ќе го изведе од членството во Европската унија на 31-ви октомври, со или без договор.

Премиерот Борис Џонсон во писмото до челникот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбнин напишал дека ќе му даде на парламентот повеќе време за разгледување на договорот што тој го постигна со Брисел за брегзитот, но истакнал дека опозицијата мора да го поддржи одржувањето на изборите во декември. Станува збор за трет обид на Џонсон за распишување предвремени избори, а претходните обиди не беа успешни, бидејќи не обезбеди мнозинство во парламентот потребно за распишување на изборите.

Во понеделникот парламентарците ги поддржаа договорот на Џонсон за брегзитот, односно прифатија тој да оди во второ читање, што би овозможило за договорот да се дискутира и на него да се ставаат амандмани. Меѓутоа, само неколку минути подоцна пратниците гласаа 322 наспроти 308 против предлогот со кој во тридневен рок договорот за брегзитот по итна постапка би се протуркал во Долниот дом на британскиот парламент. Од дописот до парламентарците испратен во четвртокот со дневниот ред на парламентот за следната седмица, се гледа дека не е предвидена дискусија за договорот.

Лабуристите порачаа дека ќе поддржат распишување предвремени избори, само доколку добијат гаранција дека брегзитот без договор е невозможен.

„Парламентот одби да донесе одлука. Тој не може да им оневозможи на гласачите замена со нов парламент кој може да одлучува. Пренесувањето на оваа парализа во 2020 година би имало опасни последици за дејностите, работните места и за темелната доверба во демократските институции, која е веќе тешко нарушена со однесувањето на парламентот по референдумот. Парламентот не може повеќе да ја држи земјата во заложништво“, се истакнува меѓу другото во писмото кое Џонсон му го испратил на Корбин.

Челничката на Долниот дом на британскиот парламент во сенка, лабуристката Валери Ваз не се изјасни дали лабуристите ќе гласаат за распишување на предвремените избори, туку само изјави дека лабуристите ќе почекаат што Европската унија ќе каже за одложувањето на брегзитот во петок.

Меѓутоа, според содржината на писмото, се чини дека премиерот Џонсон сѐ уште се надева дека парламентот до 6-ти ноември, кога Џонсон ќе го распушти, ќе го ратификува договорот кој го склучи со Брисел минатата седмица. „Тоа би значело дека би имале брегзит пред изборите на 12-ти декември, доколку парламентатрците така решат“, се додава во писмото.

Доколку ЕУ го одложи датумот за британскот напуштање на блокот до јануари, тогаш лабуристите не би имале изговор, бидејќи би се отстранила заканата, како што ја нарекуваат, за брегзит без договор.

Во средата челничката на Шкотската национална партија (SNP), Никола Старџен навести дека нејзината партија може да гласа за распишување на предвремените избори. Со 35 пратеници на SNP, на Џонсон веројатно нема да му биде потребна поддршката од лабуристите за распишување на изборите.

Просечно, според истражувањата на јавното мнение, конзервативците на Џонсон имаат предност во поддршката од гласачите од 10 процентни поени пред лабуристите, според Britain Elects. Британскиот парламент во понеделник ќе гласаа за распишување на предвремените избори.

Подоцна во четвртокот вечерта британскиот парламетн ја одбри програмата на владата на Борис Џонсон за следната 2020 година. За гласале 310 парчламентарци, а против биле 294. Токму оваа програма беше изложена во обраќањето на кралицата Елизабета Втора минатата седмица во парламентот. Кралицата тогаш спомена вкупно 26 закони кои кабинетот на Џонсон планира да ги достави до парламентот. Некои од нив ќе ги регулираат политиките на Кралството во сферата на имиграцијата, земјоделството, риболовот и трговија, откако земјата ќе ја напушто Европската унија.