Џонсон: Здравствена криза без преседан

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска оцени дека светот се соочува со здравствена криз без преседан, и ги предупреди сограѓаните дека многу семејства ќе се соочат со смрт на своите најблиски од новиот коронавирус.

На прес-конференцијата по денешниот состанок на Комисијата за кризни ситуации при Владата, Џонсон рече дека епидемијата ќе продолжи да се шири.

На забелешките дека државата не донела долгорочни мерки, како многу други земји, Џонсон одговори дека Владата ги следела упатствата и советите на науката и најави дека „вистинските чекори ќе бидат направени во вистински момент“.

– Со генерации не е видена ваква здравствена криза, констатираше Џонсон.

Изјавата на Џонсон следуваше откако главниот научен советник на британската Влада Патрик Валанс рече дека реалниот број на заболените е многукратно поголем од потврдените.

Во Велика Британија засега се потврдени 590 случаи, од кои 130 се во последните 24 часа, што е зголемување за 29 отсто.

– Ако размислите што тоа навистина значи, поверојатно е дека реалниот број на заразени е некаде меѓу 5.000 и 10.000, рече Валанс, потенцирајќи дека врвот на епидемијата во таа земја се очекува за 10 до 14 седмици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.