Операција „Лепак“: Уапсените само за неколку месеци заработиле милиони денари

Неколку милиони денари заработиле цариниците и превозниците кои во изминатиов период шверцувале облека преку граничниот премин Ново село, а кои вчера беа уапсени во рамки на полициската акција „Лепак“.

„Колкав е целосниот профит од незаконското работење изминативе години може само да се претпостави, а треба да се утврди и штетата која ја има претрпено буџетот врз основа на неплатените давачки. Веројатно како следна фаза на истрагата, доколку процени надлежниот јавен обвинител, ќе следи проверка на потекло на имотот на службените лица“, велат од Министерството за внатрешни работи.

МВР денеска информира дека поради сомневање дека сториле злосторничко здужување, злоупотреба на службената положба и овластување, криумчарење, фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита соджина пријавени се 14 лица од кои 13 се приведени. Во акцијата се уапсени раководителот на ГП Ново село, С.Л. (28), потоа цариниците А.Д. (28), Т.В. (38), Д.Ј. (28), Ј.М. (44), К.Т. (28), А.П.Ѓ. (43) како и шест лица кои ја превезувале стока.

Криминалот бил правен така што фирми од земјава купувале брендирана облека во Бугарија и Грција, ја оставале на одредени места, а превозниците за нив ги шверцувале во земјава секогаш преку ГП Ново село и кога на смена биле токму уапсените цариници.

„За извршениот транспорт, нарачателите на трговската стока, на транспортерите, откако ќе им ја доставеле трговската стока им плаќале износ од две евра за килограм трговска стока и тоа најчесто во готово, но и на трансакциски сметки – секогаш како извршени уплати од физички лица. Членовите на злосторничкото здружение кои го вршеле транспортот, вака стекнатата противправна имотна корист не ја зачувувале за себе, туку по секој извршен транспорт, одреден износ им предавале или на организаторите на здружението –цариниците вработени на Граничниот Премин. Исто така, во случај кога некој од членовите на злосторничкото здружение бил откриен во вршење на кривичните дела од страна на органите на прогонот, пријавениот Раководителот на Царинската испостава превземал дејствија во насока на прикривање на делото со наложување за изготвување царинска потврда за плаќање на увозни давачки со невистинита содржина, злоупотребувајќи ја службената положба на Раководител на Царинска испостава“, објаснуваат од МВР.

Во текот на истрагата за овој криминал, МВР запленила стоки вредни еден милион денари, три патнички возила со кои се пренесувала стоката, а исто толку беа запленети и при вчерашната акција.

На сите приведени им е одреден притвор во траење од 30 дена.