Оперскиот пејач Груевски одржа концерт во Делчево

Во киносалата во Делчево синоќа во интерпретација на тенорот Влатко Груевски и пијанистот Андреј Наунов, љубителите на музиката имаа можност да присуствуваат на вечерта на македонски евергрини насловена „Музичка кутија“ во Делчево.

Како што истакна тенорот Влатко Груевски, концертот е дел од турнејата која двајцата музичари ја имаат во повеќе градови во Македонија.

– Јас иако сум оперски пејач овој концерт, го планирав да биде, не она класичното што се знае за оперските пејачи, туку се надевам сите уживаа во оваа вечер посветена на македонската музика, во која се посветивме на она нашето што сите го знаеме. По овој концерт продолжуваме со настапи во Струмица и Кичево каде ќе се претставиме пред тамошната публика, истакна Груевски.

Концертот е поддржан од Министерство за култура и Општина Делчево, а организатор на настанот беше Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“. Освен овој концерт директорот на установата Методи Толевски до крајот на годината најави уште неколку манифестации кои ќе следуваат за повозрасната и помладата публика.

-После овој настан не чекаат уште многу активности, во рамки на театарска дејност планираме да ги донесеме Васил Зафирчев, Младен Крстевски со претставата „Вдовицата се мажи“. Во средината на ноември следува познатиот детски музички фестивал „Пијанечки бисери“. Потоа следува манифестацијата „Балканот пее и игра“ на кој ќе имаме гости од Бугарија, Србија и неколку танцови групи од Македонија. До крајот на годината ќе имаме и настап на хорот „Мирче Ацев“, така што најавуваме богата музичка програма на задоволство на љубителите на културата, рече Толевски.

Освен во музичката дејност, како што додадоа од НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ во иднина ќе следуваат и две изложби како дел од проектот „Нов културен бран“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.