Опипува ли Заев терен за неодржување на предвремени избори?

Си подготвува ли власта терен за одложување на договорените предвремени парламентарни избори на 12-ти април? Кратко откако стивнаа најавите од ДУИ, но и од самиот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев дека изборите би можеле да бидат одложени поради ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, се појавува нова иницијатива за одложување на изборите во име на реформските процеси.

Советот на амбасадори изнесе став дека терминот за изборите треба да се промени бидејќи ги загрозува реформите кои што ги бара Европската Унија во пресрет на одлуката за доделување датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

„Со таков потег политичките партии претставени во Собранието, Владата и другите институции тоа време наместо да одржуваат предизборни митинзи и изборни активности би се фокусирале на исполнување на евроинтеграциската агенда на земјата и на неопходните реформи во изборната регулатива согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР и барањата на малите партии и граѓаните. Овој вистински чекор секако ќе биде поздравен особено од деловните луѓе кои ќе се насочат кон исполнување на од порано зацртаните бизнис планови за идната година“, смета Советот на амбасадори.

Средба на Заев со Советот на амбасадор ( септември 2019)

Инаку, Советот на амбасадори е новоформирано здружени во кое во најголем дел членуваат поранешни амбасадори кои во дипломатската мисија заминале на предлог на СДСМ и важат за силни поддржувачи на политиките на актуелната власта. Претседател на Советот е поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, потпретседател е Мухамед Халили, а членуваат и Нано Ружин, Тихомир Илиевски и Иљаз Сабриу.

Имајќи го предвид составот на Советот на амбасадри мошне основани се сомневањата во јавност дека зад оваа иницијатива стои Заев и СДСМ.

Во опозицијата ваквите барања на Советот на амбасадори се толкува како обид на власта да го избегне изборното соочување поради страв од пораз. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели ова е обид да се продолжи политичката кариера и владеењето на Заев.

„Ја гледам паниката која што кај нив владее. Па пуштаат разноразни совети на амбасадори, па пуштаат разноразни претседатели на стопански комори да бараат одложување на избори итн. Се со цел да биде продолжена политичката кариера на Зоран Заев. Затоа што знае дека следи одговорност после поразот на 12-ти април 2020-тата година следи одговорност“, рече Мицкоски на денешната прес конференција.

Предвремени избори на 12-ти април беа договорени на средба на лидерите на парламентарните политички партии во организација на претседателот Стево Пендаровски откако на Самиот на Европската унија не се донесе одлука за доделување датум за преговори за Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.